Болката може да се дефинира како непријатно чувство поврзано со оштетување на ткивата, иако не се јавува секогаш од таа причина.
Болката е многу сложен феномен предизвикан од различни фактори - како ја доживуваме болката зависи од нашата околина и емоционалната состојба. Луѓето најчесто ја доживуваат болката како нешто непријатно и нешто кое тешко се дефинира. Поради болка се чувствуваме лошо, земаме лекови, посетуваме лекар, одиме на терапија или во краен случај на операција. Повеќето луѓе ќе се согласат дека животот без болка би бил многу подобар.
Зошто болката е позитивна?
Човештвото се бори со болката уште од многу одамна. Зошто постои болка? Зошто чувствуваме болка?
Болката не е нужно негативна, бидејќи вообичаено таа е прв знак или предупредување дека нешто не е во ред со нашето тело. Хомер рекол: "Болката е куче-чувар на нашето здравје." Чувството на болка во одреден дел од нашето тело нè тера да ја најдеме причината, со што би спречиле понатамошно оштетување.
Дополнително, болката има и биолошки аспект бидејќи нè штити од штетни надворешни дразби и предупредува дека нешто погрешно се случува во телото. Би било катастрофално доколку ги ставиме рацете на топол предмет и не почувствуваме болка, тоа би довело до сериозни повреди. Болката исто така е оосбено корисен предупредувачки знак во случај на срцев удар или чир - благодарение на болката можеме да дејствуваме навреме.
Прочитајте исто така Пецкањето на забите може да биде сериозен знак
Какви видови на болка постојат?
Најчесто употребуван критериум за разликување на болката е нејзиното времетраење.
Акутната болка е краткотрајна и обично исчезнува на крајот на болниот стимулус или откако ќе се излечи повредата или воспалението. Има брз почеток и трае од неколку дена до неколку недели. Често е пропратена со забрзано чукање на срцето, зголемен крвен притисок и потење. Може да се опише точната локација каде ја чувствуваме и да го одредиме типот на болката.
Хроничната болка трае повеќе од 3 месеци. Често води кон физички и психосоцијални проблеми (немир, депресија, анксиозност), што дополнително го нарушува квалитетот на живот. Од таа причина, најважно е акутната болка навреме да се лекува, бидејќи така се спречува таа да премине во хронична болка.
Често, болката ја разликуваме и по нејзината тежина и тоа:
- блага,
- умерена и
- тешка болка.
Прочитајте исто така Од акутна до хронична болка
Колку е тешка болката?
Луѓето имаат различен праг на толеранција на болка. Колку сме чувствителни на болка зависи од нашето лично искуство, полот, возраста и физичката и ментална состојба во тој период. Најверодостојни показатели за болката и нејзината тежина се сензорната непријатност и сопствената проценка на пациентот.
Начини за оценување на тежината на болката
Важно е да се утврди тежината на болката со цел да се одреди точната дијагноза и да се одбере соодветна терапија. Најчесто користен метод е Визуелната Аналогна Скала (ВАС), која може да се користи заедно со графичка скала.
Кога треба да се ослободите од болката?
Некои видови на болка претставуваат сериозен ризик, така што треба веднаш да се советувате со лекар. За минливи болки, на пр. мигрена или главоболка по напорен состанок, препорачливо е да земете некој лек против болка. Во спротивно, ќе ви биде тешко да се справите со секојдневните задачи, ќе бидете помалку ефикасни, раздразливи и нефокусирани.
Често не можеме да ја отстраниме причината за болка, но треба да се ослободиме од болката пред таа да стане хронична.
Прочитајте исто така Важноста на противвоспалителното дејство
За кои типови на болка се препорачува самолекување?
При блага до умерена акутна болка можете да земете лек против болка (аналгетици, нестероидни анти-инфламаторни лекови) кој се издава без лекарски рецепт. Најчести типови на болка поради кои е потребно да одите во аптека се главоболка, забоболка, менструална болка, болка во грбот и болка во мускулите и зглобовите.
Без оглед на типот на болката, лековите против болка без рецепт може да се земаат краток временски период, односно не повеќе од 5 дена. Доколку симптомите не се подобрат или се влошат по 3 дена, веднаш консултирајте се со вашиот лекар.
Болката не е нужно негативна, бидејќи вообичаено таа е прв знак или предупредување дека нешто не е во ред со нашето тело.
Најчести типови на болка поради кои е потребно да одите во аптека се главоболка, забоболка, менструална болка, болка во грбот и болка во мускулите и зглобовите.
Предупредување
Пред употреба внимателно да се прочита упатството! За индикациите, ризикот од употребата и несаканите дејства на лекот консултирајте се со Вашиот лекар или фармацевт.